Македонските манастири се наша најбогата културна ризница, која е исполета со многу фрески, икони, резби, стари книги и ракописи. Тие се репрезенти на културното наследство на нашата средновековна уметност. Македонските манастири биле и духовни центри, извори и сведоци на македонското православие. Тие зрачеле со својата духовност низ вековите. Тие зрачат и сега со сето свое богатство раскош и убавина.

Македонските манастири се непресушен извор и предизвик на истражувачите и со отворени манастирски порти нив ги очекуваат да им ја откријат тајната и вистината која треба да ја запишат во културната историја на македонскиот народ. Македонските манастири представуваат ѓердан од бисери кои што ја красат Македонија.Со овој наш проект наша цел и желба е да и ги представиме на пошироката јавност најрепрезентативните наши манастири, градени, зографисувани и украсувани со иконостаси, икони амвони, архиерејски тронови, певници, полилеи, свеќници, кандила и сл. низ вековите.

 

 

Повеќе

Евидентно е дека според бројот на манастирите, Македонија зазема челно место на Балканскиот Полуостров. Податоците сведочат за сочувани 155 манастири и други 90 во урнатини. Во нашиот проект станува збор за најрепрезентативните македонски манастири создадени во времето на Св.Климент и Св.Наум, потоа низ сиот среден век и во преродбата.

За време на преродбата за потребите на македонските манастири се создаваат зографски, резбарски и градителски тајфи претежно од Малореканскиот крај, кои граделе и украсувале многу цркви и манастири на тлото на Македонија во целиот 19 век, а исто така тие работеле и на просторот на целиот Балкански полуостров како најдобри и најбарани зографи, резбари градители и иконописци.

Манастирските комплекси биле богато изградени со повеќекатни конаци и со проширени и испуштени чардаци, со семејни кули од што се бранела безбедноста на манастирите,со мноштво економски згради, бачилници, подруми за вино и ракија и за зимница.Македонските манастири имале свои метоси, шуми и ливади, пасишта за стока, лозја и овоштарници, движен имот, жива стока и пчеларство.Но, пред се тие имале и своја слава каде на тој ден се собирале луѓето од околните и подалечните места за да се помолат и да се поклонат, да се видат со пријатели и блиски роднини да остават дарови за здравје и да се развеселат.


Македонските манастири секогаш низ вековите биле со широко отворени порти за намерниците и верниците и за сите добри луѓе, за да одморат да се нахранат за да преспијат и пак да го продолжат својот пат. Во рамките на манастирскиот комплекс имало и камбанарија, чиј глас се разнесувал по околните села, пренесувајќи ја радоста а многу често и тагата во тешките денови на ропството, но и гласот на непокорот.
Ете, такви биле во минатото, а такви остануваат и денес Македонските манастири - бисери на македонската култура, сведоци на нашето културно наследство.

 

 
 
1